Дејан Манасков имаше успешен старт во Лигата на шампионите со Веспрем, откако унгарскиот првак триумфираше на гостувањето против Целје со 31-39. Иако конечниот резултат е убедлив, мора да се истакне дека словенечкиот тим по првото полувреме имаше предност од 18-16. Резултатот на тринаесет минути до крајот беше израмнет (26-26), за потоа унгарскиот гигант да одигра фуриозно во финишот и да стигне до убедлива победа Манасков постигна еден гол од еден обид, а најефикасни во редовите на Веспрем беа Лекаи со единаесет и Маргуч со шест гола.
Поранешниот европски првак Кјелце со пораз ја стартуваше сезоната откако полскиот шампион неочекувано загуби од Брест Мешков со 28-25, полувреме 15-11. Фактот дека ниту еден играч не постигна повеќе од два гола е доволен доказ за недостигот од лидер во тимот на Талант Душебајев, кого го очекува тешка задача во бобата со европската ракометна елита.
Интересно беше и во Шведска, каде во рамките од групата на Вардар екипите на Кристијанштад и на Загреб ремизираа 28-28. Хрватскиот првак има за што да жали бидејќи водеше во поголемиот дел од средбата, а во последните секунди испушти идеална шанса за победа откако Хорват промаши зицер од шест метри.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА