Веспрем долго време беше лидер во својата група од Лигата на шампионите, но тимот на Дејан Манасков влезе во серија на слаби резултати. По двата неуспеси во низа против ПСЖ, унгарскиот гигант денеска неочекувано капитулираше и на гостувањето во Данска против Алборг, губејќи со 29-26.
Ракометарите на Веспрем во ниту еден момент не ја оправдаа фаворитската улога, Алборг беше тимот што поголем дел од времето го мина во водство, па данскиот првак на крајот заслужено се радуваше на победата. Манасков го заврши мечот со еден гол од два обиди, а најефикасни кај Веспрем беа Илиќ со шест и Лекаи со пет гола. Најдобри поединци кај Алборг беа Јенсен со шест и Ларсен со пет погодоци.
Големо изненадување приреди Бешикташ на македонските репрезентативци Немања Прибак и Филип Лазаров, откако турскиот првак како гостин го зеде скалпот на фаворитот Монпелје, нанесувајќи му го на францускиот клуб првиот пораз сезонава. Прибак го заврши натпреварот со пет погодоци, Лазаров беше еднаш прецизен, а Бешикташ со овој триумф се зацврсти на третото место во групата во која се наоѓа и македонскиот вицепрвак Металург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА