За Дејан Манасков, Светското превенство во Франција е веќе завршено. Левото крило на македонската репрезентација поради повреда на мускулот на ногата, нема да може да настапи на денешниот дуел во Албервил против Норвешка, во осминафиналето на СП. Манасков беше еден од најкорисните играчи во составот на претходните пет натпревари во групната фаза и разбирливо е разочарувањето и кај него и кај целата македонска јавност. Но, повредата е сериозна и би било преголем ризик тој да се појави на терен.
„Имам скинати мускулни влакна и сигурно нема да можам да играм. Постои ризик да се скине цел мускул и после да паузирам два месеци, а имам и болки во ногата. Утрово ќе одам да направам уште една снимка, но составот мораше да се пријави до 9 часот и немаше шанси да бидам во тимот. Со сето срце сакав да игра до последно, но ризично е да играм со ваква повреда“ – вели за ЕКИПА, Дејан Манасков.
Крилото на македонската репрезентација се повреди на натпреварот со Исланд. Претходно, на првиот меч со Тунис, тој имаше проблем и со стапалото, но таа повреда не беше сериозна.
Осминафиналниот дуел меѓу Македонија и Норвешка ќе се одигра денеска (16.00 ч.) во Албервил. Победникот обезбедува пласман во четвртфиналето, а поразениот го завршува настапот на мундијалот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА