Манасков: Сезоната е долга, верувам дека можеме да ги одбраниме титулите во лигата и купот на Македонија

Ракометниот репрезентативец на Македонија, Дејан Манасков го имаше својот кам-бек во дресот на Вардар по шест години интернационална кариера, од кои последните пет ги помина во унгарскиот Веспрем.

Репрезентативното крило се враќа во форма по повредата која го оддалечи од терените скоро цела сезона. Тој својот кам-бек го имаше на струшкиот турнир каде беше дел од тимот на „црвено-црните“.

Манасков за официјалниот сајт на СЕХА лигата вели дека на почеток не планирал да се врати во Вардар, но по размислување решил да каже да на двократниот европски шампион.

„По повредата што ја имав минатата година, искрено не планирав да се вратам дома на почетокот, но сè се случи брзо и морав брзо да се одлучам, па размислив и решив да кажам „да“. Сезоната е долга и најважните натпревари ќе дојдат во вториот дел од сезоната. Главната работа почнува по јануари кога ќе треба да играме со Еурофарм Пелистер и некои други екипи за домашната титула. Сè уште чекаме да се вратат некои повредени играчи и ќе имаме доволно време да влеземе во вистинската форма без Лигата на шампионите на нашиот распоред за оваа сезона“, вели Манасков. 

Тој верува дека заедно со соиграчите може да стигнат до одбрана на двете титули во домашниот шампионат кои ги освоија минатата сезона.

„Секако дека можеме, и сите се стремиме кон тоа. Имаме навистина добри играчи сега со помлади момци кои се приклучуваат на списокот оваа сезона, што значи дека ќе имаме мешавина од искуство и потенцијал. Со правилен став, начин на размислување и хемија – може да се постигне многу. Тимот е тој што игра – не поединците“, изјави Манасков.

Се вчитува...