Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков, истакна дека му е драго што после две големи натпреварувања на кои не учествуваше поради повреда, се враќа повторно во националниот тим.
Тој рече дека му е драго што е повторно со националниот тим, и верува дека поискусните ќе ги понесат младите кон успех на престојното Светско првенство.
„Драго ми е што сум повторно тука. Пропуштив две натпреварувањa, но тоа е, некогаш во спортот се случуваат повреди. Одиме понатаму, со нетрпение го очекувам ова првенство, една нова генерација, нов спој на ракометари, младост и искуство, ние сме дел од тие поискусните, тука сме да им помогнеме на помладите и да бидеме лидери на оваа репрезентација и ја прифаќаме улогата. Во спортот секогаш има изненандувања, ако не веруваме, не треба ни да патуваме. Противниците се тешки, кваливетни, кои покажаа дека се сериозни противници на минатите големи натпреварувања. Имаме доволно време да се подготвиме, да подготвиме тактика за секој поединечно, само сите да бидеме здрави и сите на број, ќе бидеме силна репрезентација. Малку сме, и ако еден ни недостасува губи цела репрезентација.“, рече Манасков.
Ако ја издвоиме Норвешка како фаворит, шансата Македонија треба да ја бара во дуелите со Аргентина или Холандија. Манасков кажа дека и двете селекции се квалитетни.
„Реално немаме одиграно натпревари против Аргентина и Холандија. Ќе бидат нови противници, но играат добар ракомет и двете селекции. Холандија изгледа моќно на физички план, многу трчаат, но ќе видиме. Ќе се подготвиме за секој посебно, а наше е да го исполниме тоа што ќе ни биде посочено од стручниот штаб“, додаде Манасков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

