Дејан Манасков со тимот на Веспрем загуби од Кил на гостински терен со 22-20 во натпреварот од 12.коло во Групата Б од Лигата на шампионите. Со овој триумф Кил му се реваншира на Веспрем за поразот во Унгарија и со новите два бода и се изедначија на табелата со по 13 бода на третото и на четвртото место зад ПСЖ и Фленсбург.
Германскиот тим уште од стартот ја имаше иницијативата и резултатската предност на своја страна. Извонредната одбрана на Кил не им остави многу простор на ракометарите на Веспрем да дојдат до реализација. Унгарскиот шампион сепак, држеше чекор во првата четвртина до последното изедначување во првиот дел на 7-7. Следуваше серија на Кил од 3-0 и по која домаќините се одлепија на 10-7. Манасков беше прецизен од контра и успеа да ја прекине голгетерската серија на Кил. Но, домаќините во извонредно темпо ги одигра завршните десетина минути од првиот дел дел и на одмор замина со пет гола предност (14-9).
Веспрем не се снајде најдобро ни на почетокот на второто полувреме дури и во моментите кога Кил беше со двајца исклучени играчи. Но, неколкуте добри одбрани на Роланд Миклер комплетно ја сменија ситуацијата на терен. Веспрем во 39.минута дојде на само гол разлика (15-14) и дуелот во втората половина доби нов интензитет и неизвесност. Одличната игра во одбраната и Миклер на голот го вратија Веспрем во игра, но унгарскиот тим во продолжението не искористи четири напади за изедначување. Напад за изедначување Веспрем имаше и на три минути пред крај, но овој пат Андреас Волф беше одличен на голот на Кил, а на спротивната страна прецизен беше Миха Зарабец и ја обезбеди победата на Кил.
Нилсон и Егберг постигнаа по седум гола во триумфот на Кил. Кај Веспрем Момир Илиќ беше најефикасен со пет гола, а Мансков и Маргуч реализираа по четири.
Во првиот натпревар од 11.коло во ЛШ, одигран денеска, Мешков Брест и Алборг одиграа нерешено 23-23
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА