Манчестер Јунајтед извиси, Муани пред трансфер во Италија

Рендал Коло Муани, францускиот репрезентативец кој го засили ПСЖ за 95 милиони евра во септември 2023 година по година и пол заминува од францускиот клуб, но нема да ја продолжи кариерата во Манчестер Јунајтед како што се очекуваше, туку ќе премине во Јувентус со кој веќе ги договорил личните услови и останува уште да ги помине медицинските прегледи.

Муани беше голема желба за засилување во нападот на Рубен Аморим, но тој преферира да се пресели во калчо-лигата и да игра за тренерот Тијаго Мота. Во „старата дама“ ќе остане до крајот на сезоната, а потоа ќе биде одлучено дали и ќе реализира постојан трансфер во Торино со оглед на тоа што договорот опфаќа само позајмица без обврска за откуп на договорот.

Пристигнувањето на Муани во Јувентус најверојатно ќе значи заминување за Душан Влаховиќ кој во последен период го следат контроверзии. Српскиот репрезентативец не е во добри односи ниту со тренерот Мота, ниту пак со навивачите на Јувентус, а и преговорите за продолжување на соработката не се одвиваат во добар правец.

Како идеална нова дестинација за голгетерот се споменува Арсенал кој во сезоната исполнета со повреди остана и без Габриел Жезус.

Се вчитува...