Манчестер Јунајтед крена раце од Хари Кејн, во игра сега се двајца нови голгетери

Хари Кејн е главна желба на Ерик тен Хаг за летниот преоден рок, но на „црвените ѓаволи“ им стана јасно дека немаат никакви шанси да го доведат англискиот репрезентативец во своите редови, па кренаа раце од овој трансфер и решија погледите да ги насочат кон други опции на пазарот. Причината е ставот на Тотенхем, откако Даниел Леви одбил секаков контакт со „црвените ѓаволи“ јасно ставајќи им до знаење дека нема намера да им го продаде својот капитен.

Кејн е најблиску до Реал Мадрид, а доколку остане во Тотенхем ќе стане слободен играч наредното лето. Тен Хаг не сака да чека долго во текот на летото и сака уште на почетокот од подготовките да има нов голгетер во тимот, за да може целосно да го вклопи во екипата до стартот на сезоната. Поради тоа, „црвените ѓаволи“ ја интензивираат потрагата по нова „деветка“ во екипата, а изборот сега е меѓу Коло Муани и Гонсало Рамос.

Муани беше поврзуван со Баерн Минхен, но баварците се свртеа кон Влаховиќ како поевтина опција, додека Ајнтрахт инсистира на отштета од над 100 милиони евра. „Црвените ѓаволи“ се сериозно загреани за францускиот голгетер, но паралелно со тоа почнаа преговори и со Бенфика за Гонсало Рамош. Овој фудбалер блесна сезонава по заминувањето на Дарвин Нуњез во Ливерпул, постигна и хет-трик за Португалија на СП во Катар, со што го привлече врз себе вниманието на дел од европските гиганти. Јунајтед засега води во трката, а Тен Хаг би сакал трансферот да се финализира во наредните десетина дена, да не ризикува да дојде до пресврт во последен момент како што тоа се случи со јануарскиот трансфер на Гакпо, кој наместо во Јунајтед на крајот заврши во Ливерпул.

Се вчитува...