Искусниот голман Том Хитон и во новата сезона ќе биде дел од Манчестер Јунајтед откако денеска официјално му беше продолжен договор и за сезоната 2024/25.
Триесетиосумгодишникот кој потекнува од младинската школа на „црвените ѓаволи“ се врати назад на „Олд Трафорд“ во 2021 година и оттогаш го негува статусот на трет голман со што забележа само четири настапи во новата епизода во клубот од Манчестер.
„Пресреќен сум што останувам во клубот од детството. Чувствувам дека сум во добра форма и дека сум подготвен да му понудам на тимот што и да треба во новата сезона. Покрај на самиот терен, учам многу и надвор од него. Сакам да бидам тука за тимот да оствари што подобар резултат следната сезона“, изјави Хитон.
Англичанецот во моментот е дел од стручниот штаб на англиската репрезентација за Европското првенство во Германија каде им помага на голманите Пикфорд, Рамсдејл и Хендерсон во подготовката за натпреварите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА