Англискиот премиерлигаш Манчестер јунајтед ќе се обиде да го искористи застојот во преговорите меѓу Наполи и белгискиот интернационалец Дрис Мертенс и да го доведе одличниот крилен играч на „Олд трафорд“ во летниот преоден рок. Како што информираат медиумите во Италија, раководството на „црвените ѓаволи“ веќе испратило и конкретна понуда за Мертенс, која финансиски е далеку подобра од онаа на Наполи.
Мертенс одби да потпише нов договор со Наполи, откако клубот му понуди годишна плата од 2,5 милиони евра, а тој бараше 500.000 евра повеќе. Но, Манчестер јунајтед нема таков проблем, па на Белгиецот му испрати понуда за плата од 4,7 милиони евра, и тоа без дополнителните бонуси кои секако ќе му следуваат за успешни резултати во сезоните поминати во тимот.
Жозе Мурињо во изминатиот период го следеше Хрватот Иван Перишиќ од Интер, но откако доби порака дека тој чини премногу, се определи за Мертенс. Засега, големи се шансите тој да го убеди белгискиот фудбалер да се пресели во Англија во летниот преоден рок. На потег е Наполи…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА