Манчестер Јунајтед тоне во дупка без дно

Резултатската агонија на Манчестер Јунајтед продолжува и под водство на Рубен Аморим, откако Португалецот се мачи да најде решение за кризата што владее во овој клуб од стартот на сезонава. Јунајтед вечерва го пречека Њукасл, тим што имаше само една победа во последните 29 години на „Олд Трафорд“, но тоа не им пречеше на гостите да им одржат лекција по фудбал на Аморим и неговите избраници и заслужено да слават со 0-2.

Се беше решено уште во првите дваесетина минути, во кои Њукасл целосно го надигра Манчестер и поведе со 0-2, Исак го постигна првиот гол во раната фаза од мечот, а нешто подоцна меѓу стрелците се запиша и Жоелинтон. „Црвените ѓаволи“ беа во шок, Исак постигна уште еден гол што беше поништен поради минимален офсајд, а Аморим беше принуден целосно да ја менува формацијата по триесетина минути игра, вадејќи го Циркзе и на негово место уфрлајќи го Маино, како помош за Ериксен и Кашемиро кои беа целосно надиграни на средината од теренот во првите половина час игра.

Во вториот дел во игра влезе и Гарначо на местото на Кашемиро, но ситуацијата не се промени, Њукасл рутински ја одржа предноста и стигна до победата, а Јунајтед остана на катастрoфалното 14. место на табелата.

Во последниот меч од вечерашната програма Астон Вила и Брајтон одиграа без победник, 2-2. Адингра донесе предност на Брајтон во 12. минута, Астон Вила направи пресврт со головите на Воткинс (од пенал) и Роџерс, но гостите стигнаа до бод благодарение на погодокот што го постигна Лампти во 81. минута.

Standings provided by Sofascore

Се вчитува...