Манчестер Сити попладнево комплетираше уште еден, трет по ред трансфер што Пеп Гвардиола го посакуваше во овој јунски преоден рок специјално отворен за екипите што ќе учествуваат на клупскиот мундијал.
Рајан Шерки е нов член на англискиот фудбалски гигант откако „граѓаните“ потпишаа петгодипен договор со офанзивниот плејмејкер кој пристигнува од редовите на Лион. Францускиот клуб ќе добие загарантирани 35 милиони евра, трансферот може да скокне до 40 милиони доколку се активираат сите клаузули, а од Шерки се очекува да го наследи Кевин де Бруине, кој како слободен играч си замина од Сити и ќе потпише договор со Наполи.
Претходно, Сити потпиша договори и со левиот бек Аит Нури од Вулверхемптон и со голманот Маркус Бетинели од Челси, а новото трио веднаш беше вклучено во списокот на играчи за претстојниот клупски мундијал.
За разлика од овие тројца, Пеп Гвардиола реши во САД да не ги носи Кајл Вокер и Џек Грилиш, јасна порака до овие двајца англиски фудбалери што поскоро да си најдат нов ангажман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

