Манчестер Сити со крпена одбрана на „Сантијаго Бернабеу“

Пеп Гвардиола се соочува со огромни проблеми околу одбраната на Манчестер Сити за утрешното гостување против Реал Мадрид, откако двајца важни играчи отпаднаа од комбинација за настап на „Сантијаго Бернабеу“.

Кајл Вокер и Нејтан Аке го пропуштија саботниот дуел со Кристал Палас, во меѓувреме состојбата не им се подобри драматично, па откако двајцата не тренираа со тимот ниту денеска беше јасно дека англискиот и холандскиот репрезентативец воопшто нема да се најдат на списокот на патници за Мадрид.

Згора на тоа, на мечот со Палас повреда заработи Јошко Гвардиол, кој на паузата мораше да биде заменет со Аканжи. Хрватот денеска не тренираше, Гвардиола се уште се надева дека ќе може да смета на неговите услуги за дуелот со Реал, но прашање е дали екс-фудбалерот на Лајпциг ќе може да му помогне на актуелниот европски првак на овој „дуел на гигантите“.

Доколку тоа не биде случај, Аканжи и Рубен Дијаз ќе бидат централни дефанзивци, Стоунс ќе биде прекомандуван во десен бек, а најголема шанса за старт на лев бек му се дава на младиот Рико Луис, кој важи за универзалец кој може да настапува на неколку различни позиции во тимот.

Се вчитува...