Манчини: Белгија е една од најсилните репрезентации во светот

Италија вечерва против Белгија ќе игра за пласман во полуфиналето на Европското првенство. Селекторот на Италија, Роберто Манчини вели дека ги очекува тежок натпревар против една од најдобрите репрезентации во светот.

„Ние ќе го играме нашиот натпревар, но сепак го почитуваме противникот бидејќи добро знаеме за колку квалитетна репрезентација се работи. Нема лесни натпревари и тоа најдобро се виде на овој турнир. Белгија е една од најдобрите репрезентации во моментов во светот, но за нас тоа ништо не менува бидејќи секој меч е посебно тежок“, изјави Манчини. 

Капитенот на Италија, Џорџо Киелини вели дека не им треба посебна мотивација од тоа што самото по себе ова е натпревар за пласман меѓу четирите најдобри.

„Не ни треба дополнителна мотивација за овој тип на натпревари, бидејќи адреналинот е огромен на секој меч. Мислам дека ќе биде меч меѓу два одлични тима и на крајот ќе одлучуваат нијанси. Имаме големо почитување за Ромелу Лукаку бидејќи имаше одлична сезона во Интер каде стана главен фудбалер. Но, не можеме само да внимаваме на Лукаку, бидејќи Белгија има плејада феноменални фудбалери“, изјави Киелини. 

Натпреварот кој ќе се игра на „Алијанц арената“ во Минхен е закажан за вечерва во 21 часот.

Се вчитува...