Роберто Манчини бил „прв пик“ на газдите на Лестер по смената на Клаудио Раниери, но трофејниот стратег самиот ја отфрлил можноста да го наследи својот сонародник на клупата на се уште актуелниот првак на Англија. „Лисиците“ синоќа му врачија отказ на Раниери, а денеска веќе стапиле во контакт со Манчини. Сепак, разговорот траел многу кратко откако Манчини веднаш ставил до знаење дека нема намера да го замени својот добар пријател.
„Жал ми е за мојот пријател Клаудио Раниери. Тој останува во историјата на Лестер, во спомените на навивачите и на сите искрени вљубеници во фудбалот“ – напиша Манчини во текот на вчерашниот ден на својот твитер-профил.
Станува се појасно дека Лестер нема да именува нов стратег до дуелот со Ливерпул в понеделник, а „план Б“ на газдите на овој клуб е доведување на Франк де Бур. Холанѓанецот се посрамоти со очајната авантура во Интер и не крие дека би прифатил ангажман во Премиер-лигата, но останува да се види дали двете страни можат да ги усогласат условите за соработка, особено поради опасноста Лестер да се пресели во понизок ранг на натпреварување.
Според англиските медиуми, покрај Де Бур сериозен кандидат станува и искусниот Гус Хидинк, а дури доколку овие двајца стратези ги одбијат понудите погледите ќе бидат свртени кон англиски стратези, пред се Алан Пердју и Најџел Пирсон.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА