Манчини: Италија нема пораз повеќе од две години, па тоа ми дава оптимизам дека можеме да стигнеме далеку на ЕП

Селекторот на Италија, Роберто Манчини е задоволен од формата на неговите фудбалери пред почетокот на Европското првенство и се надева дека неговиот тим може да отиде далеку. „Азурите“ ги добија последните осум натпревари без примен гол. Во претходните 27, тие имаат 22 победи и пет нерешени натпревари, а нивната непобедливост трае скоро три години.

Манчини не криеше, па истакна дека има голем оптимизам пред почетокот на континенталниот шампионат.

„Ние сме млад тим, кој има уште многу да напредува, но кога играте толку добро пред последниот тест, мора да бидете позитивни. Се надевам дека Европското првенство ќе трае што е можно подолго за нас“, истакна Манчини.

Екипата на Манчини ја совлада Чешка во генералната проба со убедливи 4-0.

„Игравме добро, моите фудбалери го имаа вистинскиот пристап кон играта. Чесите се добар тим, но ние успеавме да ги победиме и ова навистина прави да се чувствувате добро“, задоволен е 56-годишниот стратег.

Италија започнува со ЕВРО натпревар против Турција на 11 јуни на стадионот „Олимпико“ во Рим.

Се вчитува...