Мандалиниќ: Битола е град со душа, живее за ракометот

Стипе Мандалиниќ денеска и официјално го стави потписот на новиот договор со екипата на Еурофарм Пелистер. Хрватот беше најзвучното засилување на „пелистерци“ во текот на минатото лето, со одлични настпи во изминатиот период ја оправда довербата на тренерот Бабиќ и на управата, што беше доволна причина експресно да се седне на маса со него и да се договори продолжување на соработката.

Мандалиниќ по потписот на новиот договор имаше само пофални зборови за клубот кој најавува атак на трофеи на македонската ракометна сцена.

„Првите шест месеци во Битола за мене беа едно убаво искуство. Немавме многу натпревари, не можевме добро да влеземе во форма, но во екипата гледам многу потенцијал и добро работиме и тренираме. Мојот впечаток за овие шест месеци е многу позитивен. Што се однесува до градот, градот е мал, но има душа. Живее за спортот, посебно за ракометот. Тука е одлично за моето семејство, во овој град се пронајдов, среќен сум во Битола и така ја договоривме соработката за следната сезона. Клубот се стреми за големи цели, почнувајќи од тренерот и стручниот штаб. Откако размислив и се консултирав одлучив да ја продолжам соработката“, истакна Мандалиниќ.

Се вчитува...