Еурофарм Пелистер по вторпат во два дена триумфираше над Татабања во Битола, овојпат со резултат 24-21, за нова европска радост со која битолчани си ги зголемија шансите за пласман во следната фаза од Лигата на Европа. Унгарците беа тимот што денеска подолго време го контролираше резултатот, но Еурофарм за среќа во своите редови ги имаше голманот Хендави и хрватскиот „бомбардер“ Мандалиниќ, кои донесоа пресврт и голема победа.
Унгарскиот состав далеку подобро влезе во натпреварот, пред се благодарение на одличниот голман Бартуш уште на самиот почеток од мечот поведоа со 4-1. При овој резултат дополнително се зголемија проблемите за Пелистер поради повредата на Кушан, по која хрватскиот пивот мораше на носилки да биде изнесен од салата. Унгарците стигнаа и до 5-1, потоа и 6-2, и 7-3, а единствениот расположен за игра во нападот на „пелистерци“ беше Мандалиниќ. Битолчани се приближија на 9-8, Татабања со два гола поведе со 11-8, за на одмор да се замине со 11-9 по извонредниот цепелин на Костески.
Татабања поведе со 12-9 на самиот почеток од вториот дел, но потоа во добар ритам влезе голманот Хендави, кој со неколку одлични интервенции овозможи Пелистер да се врати и во 44. минута со голот од контранапад на Граџан да израмни на 14-14. Противникот поведе со 18-16, по што Бабиќ побара тајмаут во обид да ја стабилизира играта во одбрана на македонскиот вицепрвак. Советит вродија со плод, во ритам во нападот влезе и Мандалиниќ, кој со два гола во серија во 52. минута го донесе првото водство на битолскиот клуб на натпреварот (20-19).
Карим Хендави продолжи со своето шоу на голот во второто полувреме (девет интервенции), по што Мараш на три минути до крајот погоди за водство на Еурофарм Пелистер од 22-20. Гостите тргнаа со „седум на шест“, но одбраната на битолчани го издржа и тој предизвик, па во последните две минути се влезе со предност од два гола на „пелистерци“ и напад за македонскиот тим. Граџан го постигна клучниот гол за 23-20 на 90 секунди до крајот, решавајќи го победникот на овој неизвесен дуел што заврши со конечни 24-21.
Хендави имаше девет интервенции, сите во второто полувреме, додека Мандалиниќ беше најефикасен во нападот на „пелистерци“ со осум постигнати погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА