Манџукиќ со емотивно писмо се прости од Хрватска

Златко Далиќ остана селектор на Хрватска, но дел од поискусните фудбалери решија историското сребро во Русија да биде и нивно збогување од репрезентативната сцена. Прв нога повлече дефанзивецот Чорлука, за на ист потег да се реши и голгетерот Марио Манџукиќ. Асот што го постигна голот за победа во полуфиналето од СП и донесе историско финале на Хрватска, денеска преку емотивно писмо објави дека повеќе нема да го носи дресот на „коцкестите“.

„Драги навивачи, секогаш повеќе сакав да зборувам на теренот отколку надвор од него. Затоа и овие зборови ми доаѓаат потешко отколку да треба да истрчам 120 минути. Потешко, бидејќи знам колку радост ми носеа сите собири, натпревари и победи. Потешко, бидејќи знам каква чест е да се облече дресот на Хрватска и да се претставува својата земја. Потешко, бидејќи знам дека ова е конечно и по овие зборови веќе нема враќање назад. Сепак, знам дека е време да ги изговорам тие зборови – се простувам од репрезентацијата на Хрватска. Колку и да ме наполни среброто со нов аенергија, воедно ми ја олесни и оваа неверојатно тешка одлука. Нема идеален момент за збогување. Да можеме, сите би настапувале за репрезентацијата додека сме живи бидејќи поголема гордост не постои. Сепак, чувствувам дека за мене тој момент да се каже збогум е токму сега. Бидејќи го дадов најдоброто од себе и дадов свој придонес во најголемиот успех на хрватскиот фудбал. Пред 14 години прв пат како јуниорски репрезентативец го облеков овој свет дрес. Оттогаш запознаев, играв и работев со многу одлични соиграчи, тренер и селектори во сите репрезентации, сите имавме заедничка цел – да дадеме се за успех на Хрватска. Никој од нас не е совршен, промашував шанси, губев топки или погрешно додавав, но секогаш давав се од себе и го оставав срцето на терен. Ви благодарам што тоа го препознавте и бевте со мене и со репрезентацијата. Од денеска, моето место е меѓу Вас, меѓу најверните навивачи на Хрватска“ – порача Марио Манџукиќ.

Се вчитува...