Маневски: Вардар е Вардар, против Шкупи само на победа!

Со натпреварот меѓу Шкупи и Вардар во Струмица денеска од 16:30 часот започнува 4. коло во Првата македонска фудбалска лига.

Шкупи ќе се обиде да го изненади реалниот фаворит, додека за Вардар ова дерби, поради условите, нема да има тежина и атмосфера како што вообичаено би имало на едно големо градско дерби.

„Пред сè, мислам дека нè очекува тежок меч. Шкупи е Шкупи, и во каква и да е ситуација да се наоѓа, тој секогаш е сериозен ривал за нас. Ние сме фокусирани единствено на едно, победа. Ако бидеме на нивото на кое знаеме, бодовите ќе дојдат сами по себе. На последниот меч не бевме на потребното ниво и одигравме неочекувано 2-2 на домашен терен со Брера, па сега мислите ни се насочени единствено кон победа. Направивме анализа, увидовме каде грешиме и денеска ќе се обидеме да се поправиме. Ние сме Вардар, се знае што значи тоа, па дуел со Шкупи или со било кој друг противник не менува премногу. Нема да биде лесен меч, но нашиот квалитет мора да се покаже на секое излегување на терен“ – вели левокрилниот дефанзивец Михаил Маневски пред денешниот натпревар.

Натпреварот меѓу Шкупи и Вардар се игра во Струмица поради тоа што стадионот во Чаир не ги обезбедува минималните безбедносни услови за прволигашки натпревари, како и основните услови за имплементација на ВАР-системот.

Се вчитува...