Манојлов: Бодовите од Куманово ни се повеќе од потребни… Аворнио: Ние ќе бидеме победници!

Работнички пролетва треба да надоместува голема бодовна негатива во однос на конкурентите ако сака да обезбеди опстанок во елитата и следната сезона. Оттаму, тимот од Дебар Маало мора да победува и да освојува бодови, па таква е мисијата и за денешното гостување во Куманово каде ќе се сретне со Башкими.

Еден од оние кои е во најдобра форма е младинскиот репрезентативец Никола Манојлов. Тој беше стрелец во последните две победи на Работнички, против Шкупи и против Арсими.

„Почнува третиот круг од првенството во кој за нас секој натпревар е екстремно важен. Потребни ни се победи во серија и тоа она што ќе се обидеме да го направиме. Знаеме дека пред нас е тежок дуел, но максимално сме фокусирани и посакуваме три бода“, вели Манојлов.

Екипата на Башкими, пак, ја брка третата победа по ред во пролетниот дел од сезоната, во пресрет на денешниот натпревар на домашниот стадион во Куманово против тимот на Работнички.

Домаќините успеаја да се консолидираат по двата првични порази (од Вардар со 1-0 и од АП Брера со 0-2), врзувајќи две победи во дуелите со Шкупи и Македонија Ѓорче Петров.

Иако притисокот е поголем кај гостинскиот тим, напаѓачот на Башкими, Емануел Аворнио, смета дека неговиот тим има должност да оди на победа пред своите навивачи.

„Работнички доаѓа на наш терен со императив за три бода неопходни за опстанок, но наша обврска е да го дадеме максимумот пред нашата публика. Се надевам на брза игра, со многу голови и на крајот ние да бидеме победници“, изјави меѓу другото Аворнио.

Досега Башкими и Работнички имаат одиграно вкупно 19 натпревари, во кои Работнички има 10 победи, Башкими има 6 победи а 3 натпревари завршиле нерешено.

Сепак, вреди да се напомене дека во последните три меѓусебни пресметки, како победник излезе екипата на Башкими. Натпреварот од 23. коло меѓу овие два ривала се игра денеска на стадионот во Куманово со почеток во 14:30 часот.

Се вчитува...