Германкиот репрезентативен голман Мануел Нојер ќе го брани голот на Баерн Минхен до 2023 година. По долги преговори, капитенот на баварскиот тим и раководството на клубот најдоа заеднички јазик за продолжување на соработката за дополнителни две сезони. Актуелниот договор на Нојер има важност до јуни 2021 година.
„Во периодот додека бевме во карантин поради коронавирусот не сакав да донесам одлука, затоа што никој не знаеше како состојбата ќе се рефлектира и на Бундес-лигата. Важно за мене беше да продолжам да работам со нашиот тренер на голмани, Тони Тапаловиќ. Сега кога сите работи ги разрешивме, гледам напред со оптимизам. Се чувствувам многу комфорно во Баварија, а Баерн Минхен е еден од најдобрите фудбалски клубови во светот“, изјави Мануел Нојер.
Првиот човек на клубот, Карл – Хајнц Румениге е среќен што раководството и Нојер конечно најдоа заеднички јазик.
„Сите во Баерн Минхен сме среќни што Мануел Нојер ќе остане до 2023 година. Тој е наш капитен и најдобар голман во светот“, изјави Румениге.
Мануел Нојер негодуваше кај раководството на клубот и за ангажманот на Александер Нубел од Шалке 04, кој треба да му биде силна конкуренција за голманската позиција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

