Цела Аргентина е во шок поради очајните игри на оваа селекција во првите две кола од СП, а легендарниот Диего Армандо Марадона е присутен во Русија и самиот не може да поверува што се случува со „гаучосите“. Марадона обелодени дека испратил и барање до Аргентинската Фудбалска Федерација да му биде дозволено да се сретне со репрезентативците и да разговара со нив пред еден од тренинзите, како своевидна шок-терапија.
„Кога и да го облечев дресот на Аргентина играв од срце. Легенди како Симеоне, Редондо, Каниџа, Галјего, Руџери… сите го правеа истото. Мислам дека овие фудбалери не разбираат што значи да се игра за Аргентина, затоа побарав да му биде дозволено да дојдам на еден нивни тренинг, да им го објаснам значењето на овој дрес, на оваа репрезентација“ – изјави Марадона.
Тој е разочаран од безидејноста во играта на „гаучосите“, кои се уште имаат шанси за пласман во осминафиналето. Марадона застана во одбрана на Меси, а вината за ова фијаско ја посочи кај челниците на федерацијата.
„Во себе носам голем бес, оваа Аргентина не знае да игра, нема решение за ниту еден проблем, тешко се брани, уште потешко напаѓа. Проблемот не е во Меси, туку во федерацијата, која ја водат луѓе кои не знаат ништо за фудбалот. Лео не игра како што знае, но тешко е сам да ги реши проблемите на целата репрезентација“ – истакнува Диего Армандо Марадона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА