Повредата што Енди Мареј ја заработи за време на настапот на Индијан Велс воопшто не е наивна, па прворангираниот светски тенисер ќе мора да мине уште извесно време надвор од терените. Ова г откри неговиот брат Џејми Мареј, според кого нема никакви шанси Мареј да се појави во таборот на Велика Британија за пресметката од Дејвис-купот против Франција следниот викенд.
„Колку што јас знам, нема шанси Енди да игра во Руен. Ако грешам би било супер, но она што ми беше кажано е дека станува збор за скинат мускул во пределот на лакотот. Повредата не е премногу сериозна, но не е ниту наивна, така што ќе треба да мине извесно време за нејзино санирање“ – изјави Џејми Мареј.
Британските медиуми најавуваат дека при ваков вид на повреди паузата најчесто изнесува меѓу четири и шест седмици, а како можен термин за камбек на Мареј се наведува Мастерс-турнирот во Мадрид што ќе се одржи од 7 до 14 мај.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА