Енди Мареј ги надмина проблемите со повредата на колкот што го мачи неколку месеци наназад и ги израдува своите фанови најавувајќи дека ќе биде подготвен за настап на УС Опен. Британецот веднаш по поразот на Вимблдон од Сем Квери објави дека нема да се врати се додека не е 100% подготвен за камбек на терените, по што се најавуваше дека тој сигурно ќе го пропушти последниот гранслем турнир за 2017 година.
Сепак, прворангираниот тенисер на АТП-листата успешно се рехабилитираше, па денеска на својот инстаграм профил објави видео за да го обелодени почетокот на тренинзите.
Извори блиски до британскиот тенисер откриваат дека тој очекува да се врати веќе на турнирот во Монтреал на 7 август, потоа да биде дел и од Мастерс-турнирот во Синсинати, како увертира за УС Опен.
Целта е јасна, Мареј што подолго да се задржи на чело на АТП-листата, што ќе му биде многу тешко со оглед на фактот дека Британецот брани огромен број на бодови од ланските успеси на овие турнири, за разлика од Надал и Федерер, кои сериозно атакуваат на врвот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА