Енди Мареј по голема битка успеа да се пласира во полуфиналето од турнирот во Барселона, во четвртфиналната пресметка елиминирајќи го Алберт Винолас Рамос со 2-1 во сетови. Десетина дена по поразот од истиот ривал во Монако, Мареј беше на работ на бездната, но Рамос не го искористи сервисот што можеше да му донесе полуфинале, а британскиот тенисер со пресврт во самиот финиш стигна до победата.
Дуелот почна со апсолутна доминација на шпанскиот тенисер, кој набрзина направи два брејка и поведе со 5-1. Винолас Рамос го доби првиот сет со 6-2, но Мареј возврат, триумфирајќи во вториот сет со 6-4. Шпанецот имаше две одлични шанси за триумф, најпрвин со водство од 2-0, а потоа и со 5-4 и сервис во решавачкиот сет. Мареј успеа да се врати, па победникот беше решен со тајбрејк.
A во тајбрејкот пресуди искуството на Мареј, кој набрзина поведе со 4-0. Противникот стигна до 4-3, но потоа следеше нова серија на Енди Мареј за конечна победа од 7-4.
Британскиот тенисер за противник во полуфиналето ќе го има Тием, кој во првата четвртфинална пресметка славеше над Сугита со максимални 2-0 во сетови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА