Челси влегува во победнички ритам откако „сините“ за првпат по подолго време врзаа три победи во серија, на двете во Премиер-лигата над Вулверхемптон и Вест Хем додавајќи ја оваа вечерашната од лига-купот на Англија против нисколигашот Бароу (5-0).
Енцо Мареска ги смени сите 11 стартери кои почнаа на последниот меч со Вест Хем, но поранешниот англиски првак има доволно квалитет за тоа да не се почувствува, особено кога настапува против екипи кои не се дел од елитното друштво. Во главна улога во првите дваесетина минути беше Нкунку со два погодоци, на 3-0 со еврогол од слободен удар зголеми Жоао Феликс, а четвртиот погодок беше дело на Нето во второто полувреме, прв гол за Португалецот во дресот на Челси по летниот трансфер од Вулверхемптон.
Конечните 5-0 ги постави Нкунку, комплетирајќи го хет-трикот откако му ја украде топката на гостинскиот голман и ја смести во мрежата.
Пласман во следната рунда од лига-купот обезбеди и Манчестер Сити, кој рутински си ја одработи задачата на домашен терен против Ватфорд (2-1). Доку стрелаше прецизно во 5. минута најавувајќи го триумфот на „граѓаните“, а вториот гол за Сити беше дело на Нуњеш. Гостите во финишот намалија преку Инс во 86. минута, но немаа сили за целосен камбек и сензација на „Етихад“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА