Енцо Мареска дојде максимално мотивиран од Лестер да го предводи тимот на Челси, но италијанскиот стручњак се соочи со неочекувани проблеми -преголем број на фудбалери во тимот.
За трошењето на пари на Тод Боели на нови фудбалери еден ден сигурно ќе се напише и книга, а американскиот милијардер тој тренд го продолжи и летово, откако по последниот трансфер на Педро Нето од Вулверхемптон „сините“ потрошија над 160 милиони фунти на нови фубалери.
Проблем е што оние кои се прекубројни многу тешко се решаваат на преселба во други клубови, па така Мареска во моментов има неверојатни 43 играчи на располагање. Тој одведе 28 играчи на предсезонската турнеја во САД, но управата никако не успева да се ослободи од играчи како Лукаку, Кепа, Галагер… па Мареска се најде во несекојдневна ситуација.
„На сите во моментов им е јасно дека никако не е нормално да имаш селекција со 43 првотимци. Од нив 43, само 28 се на тренинзите… Директорите се задолжени да најдат решение за момците кои не тренираат со нас, тоа не е моја работа, но во секој случај ситуацијата е чудна“, се пожали Мареска.
Челси во првото коло од Премиер-лигата в недела ќе го пречека Манчетер Сити, дуел за кој Мареска нема да може да смета на капитенот Рис Џејмс, а неизвесен е и настапот на најновото засилување Педро Нето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА