Српскиот тренер Марина Маљковиќ одржа двочасовен демонстративен тренинг со женската кошаркарска репрезентација на Македонија. Во пресрет на пријателскиот меѓународен турнир кој почнувајќи од утре ќе се одржи во Скопје, трофејниот тренер и доскорешен селектор на српската репрезентација им покажа на нашите девојки, но и сите присутни во салата „Јане Сандански“ како изгледа еден нејзин вообичаен тренинг.
Поради бројни повреди, Маљковиќ на располагање не го имаше комплетниот состав, но и покрај тоа таа по тренингот имаше само пофални зборови.
„Фала му на Бога што станува збор за ситни повреди. На мое огромно задоволство што сум во Македонија и ова е нормална обврска, а и задоволство на секој кошаркарски стратег – сè што ќе научи да проследи понатаму. Мислам дека не ќе бев добар пример или кој било друг тренер доколку запише резултати особено во некој свој регион, а истите не ги сподели со другите и не им помогне за да има поголем раст и развој на женската кошарка. Петар Наумоски, кој го знам целиот свој живот и Моника Гаврилоска одлично ја водат оваа ’мала федерација’, а овој тим кој вечерва првпат го видов изгледа вредно, добро и ќе видиме на крајот од овој турнир како ќе изгледа кога тие ќе бидат комплетни“ – задоволна е Маљковиќ судејќи по првите импресии.
Квалификациите за Европското првенство ќе започнат во ноември оваа година, а поддршката од сета јавност ќе им биде потребна на девојките.
„Квалификациите започнуваат во ноември и сметам дека целата кошаркарска јавност во Македонија треба да ја поддржи женската кошаркарска репрезентација. Видовте што направивме ние во Србија со посветена и пеколна работа. За четири години освоивме сребро на ЕП и бронза на ОИ. Сакам да им докажам на сите дека со многу малку вложување, сигурно помалку отколку во машкиот спорт, можат да се направат чуда. Апелирам до сите во Македонија, до луѓето кои ја разбираат и до оние кои ја сакаат кошарката – да имаат размислувања како и Русите или Турците, а тоа е дека може да се има и шампион доколку се вложи малку повеќе“ – заклучи Маљковиќ.
Фото: www.mkf.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА