Искусниот германски репрезентативец Марио Гомез ги напушти редовите на Волфсбург и се врати во својот матичен клуб Штутгарт. Напаѓачот потпиша договор до јуни 2020 година, а вредност на трансферот изнесува 3.5 милиони евра.
„Среќен сум што сум повторно дома, каде за првпат зачекорив во фудбалскиот свет. Сите знаеја колкава желба имав да се вратам во Штутгарт, клубот кој ме направи играч и ме „лансираше“ на голема сцена. Со овој клуб го доживеав најлудиот период во мојата кариера, освојувањето на титулата во 2007 година ме направи врвен играч. Тука сум за да му помогнам на мојот клуб, но секако и да ја остварам сопствената цел, а тоа е да се најдам на списокот кај селекторот за Светското првенство во Русија“, истакна Гомез.
Популарниот „Супер Марио“ го носеше дресот на „швабите“ од 2003 до 2009 година. На вкупно 156 настапи постигна 87 погодоци, статистички постигнуваше гол на секои 125 минути. Во неговата богата кариера ги бранеше боите на Баерн Минхен (113 гола), Фиорентина (14 гола), Бешикташ (28 гола) и Волфсбург (19 гола).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА