Поранешниот македонски репрезентативец Марио Ѓуровски зад себе остава уште една одлична сезона во Тајланд. На 34 официјални натпревари во дресот на Бангкок јунајтед запиша 17 гола дополнети и со 11 асистенции.
Сепак, кога се потсетува на досегашната своја кариера 32-годишниот Ѓуровски вели дека неговите најнезаборвни моменти се настапи за репрезентацијата на Македонија.
„Македонија – репрезентација, настапи и време кои никогаш нема да ги заборавам. Навистина уживав кога играв за Македонија, но поради игра на случајот мора, и присилно, да престанам. Со доаѓањето на Тајланд и натаму добивав повици (Џон Тошак во тој момент беше селектор), но во договорот со тогашниот клуб Муангтонг морав да ја стопирам репрезентативната кариера од причини затоа што лигата во Тајланд не ги следеше термините на ФИФА и УЕФА. Па, фактички ќе морав да пропуштам повеќе од 10 натпревар во една сезона. Тоа беше невозможно и одлучив да престанам да играм за репрезентацијата“ – вели Ѓуровски во интервју за „Спортклуб“.
Марио дополнува дека не му било лесно во кариерата тоа што е син на славна личност како Милко Ѓуровски, затоа што сакал да оди по некој свој пат.
„Имаше секогаш и отежителни околности затоа што сум син на Милко, оние пак олеснителни не ги паметам. Оспорувањето на квалитетот и фактот дека тренерите стално те гледаат преку таткото, секогаш ми тежеле. Дури некои ме нарекуваа и Милко, а не Марио, но секогаш беше тоа симпатично. Во секој случај среќен сум што, на некој начин, сам се изборив за тоа што фудбалски го постигнав“ – вели Марио Ѓуровски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА