Марин Петков беше дел од националниот тим во оние претквалификации за Светскиот куп 2027 година, на списокот на сега веќе поранешниот селектор Марјан Илиевски.
Но повредата не му дозволи да влезе во финалните „12“ кои го одиграа тој репрезентативен циклус. Па, откако ги остави проблемите зад себе, и заигра одлично во дресот на МЗТ Скопје Аеродром, младиот бек одново е во сениорскиот национален тим кој деновиве ги одработува тренинзите пред почетокот на февруарскиот ФИБА „прозорец“ во кој Македонија ќе одигра два натпревари кои се дел од програмата од групата „А“, од претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.
Првиот, во петок навечер (од 18 часот), против селекцијата на Луксембург, во комплетно реновираната сала во „Градски парк“ во Скопје.
Младиот репрезентативец делува оптимистички пред она што седува во наредниот период.
„Нормално, очекуваме да победиме. Знаеме дека Луксембург е добра репрезентација, како и ние, имаат две победи во првиот круг, Така што победата е доста важна. Може да кажам дека би била и најважната во овие два меча кои следуваат“ – вели Петков.
Вели дека полека „се навикнуваат“ на барањата на новиот селектор, Жозеп Мариа Берокал и неговите соработници.
„Интересно е на тренинзите. Тоа е прво. Системот е сличен, но и различен. Овие два-три дена поставивме некои планови за игра во одбрана, и планови за играта во нападот. Мислам дека на секоја репрезентација би и одговарал шпаанскиот стил на игра. Се знае дека Шпанците се една од подобрите кошаркарски земји. заедно со САД и Србија. Оттука, стилот на игра сигурно е дека ќе изгледа добро, дека ние ќе изгледаме добро. И секако, одиме на победа“ – верува Петков во успехот на нашата селекција.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

