Новиот шампион во кралската класа во Мото ГП шампионатот, Марк Маркез, беше опериран на десното рамо една недела откако ја скрши клучната коска на Големата награда на Индонезија.
Возачот на Дукати ја претрпе повредата на почетокот на трката кога беше исфрлен од патеката од Марко Беѕеки. За негова среќа, Маркез ја обезбеди својата деветта светска титула во Јапонија една недела претходно, прва по шест години во кои пропушти 30 трки – главно поради повреда на раката – и претрпе над 100 падови.
Веднаш по падот беше познато дека Маркез ја скршил клучната коска, а по пристигнувањето во Мадрид и по дополнителните прегледи, лекарите се одлучија за поконзервативен пристап кон закрепнувањето, што вклучуваше одмор. Сепак, Шпанецот беше опериран во понеделник откако тестовите покажаа дека коската и лигаментите не го покажуваат очекуваното ниво на заздравување. Постапката беше извршена на акромиоклавикуларните лигаменти, а клучната коска беше стабилизирана.
Дукати објави дека Маркез е веќе дома, каде што се опоравува, а неговото враќање на патеката ќе зависи од напредокот на тоа закрепнување.
Моментално е познато дека Маркез ќе ги пропушти претстојните трки во Австралија и Малезија, а исто така е под знак прашалник и за крајот на сезоната и последните две трки, кои се водат во Портимао и Валенсија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

