Марк Вилијамс, нов светски првак во снукер

Марк Вилијамс е новиот светски првак во снукер откако Велшанецот во извонредно финале славеше над Џон Хигинс со 18-16 во фрејмови, на шампионатот што традиционално се одржува во Шефилд.

Финалето донесе фантастична пресметка во која Вилијамс експресно поведе со 4-0 и делуваше дека е целосно во контрола на резултатот со 15-10, кога Хигинс освои пет фрејма во низа и најави драма во финишот. Вилијамс стигна до 17-15, а потоа имаше водство од 63-0 кога промаши розова топка за титулата, по што Хигинс намали на 17-16.

Сепак, Марк Вилијамс беше подобар противник, веќе во следниот фрејм целосно ја презеде иницијативата и на крајот заслужено се закити со титулата светски шампион, вкупно трета, а прва по пауза од 15 години (претходните две ги освои во 2000 и во 2003 година).

Се вчитува...