„Маркез е Аиртон Сена во Мото ГП“

Шпанскиот автомобилист Карлос Саинц Јуниор направи интересна споредба во однос на сега деветкратниот светски шампион во мотоциклизам, Марк Маркез.

Маркез помина низ голем број подеми и падови во последниве години, вклучително и четири операции на раката што ja повреди во несреќа на Херез во 2020 година, но неодамна ја обезбеди својата прва титула по шест години. На патот до таа титула, Шпанецот реши по повеќе од една деценија во Хонда да се префрли во приватната екипа – Гресини, а потоа да добие можност во фабричкиот тим на Дукати, во кој е апсолутно доминантен оваа сезона.

Маркез ја обезбеди својата деветта титула, седма во кралската класа, во Јапонија, на пет тркачки викенди пред крајот на сезоната, по 11 триумфи на главните трки и уште 14 во спринтовите. На овој начин, Шпанецот се израмни по бројот на титули со Валентино Роси, а пред нив се само две легендарни имиња, Анхел Нието со 13 и Џакомо Агостини со 15.

„Веќе му честитав затоа што имаше одлична година и тој ја заслужува целата заслуга за камбекот што го направи. Маркез е Аиртон Сена на шампионатот во Мото ГП, тоа е само поради начинот на кој го доживуваме сега, не го сфаќаме тоа. Кога ќе се пензионира, како што минуваат годините, Маркез ќе остане запаметен како најдобриот некогаш“. рече Саинц.

Се вчитува...