Осумкратниот светски шампион во Мото ГП, Марк Маркез, вели дека секој ден се чувствува подобро и посилно, но дека од лекарите зависи кога ќе се врати на патеката.
Возачот на Хонда доживеа скршеница на десната надлактица при пад за време на Големата награда на Шпанија на стартот на ланското првенство во Мото ГП, поради што ја пропушти целата сезона.
„Замислувам најдобро можно враќање. Тоа не значи победа уште во првата трка, туку повторно да можам да возам, да уживам и постепено да се враќам на нивото на кое бев. Тоа ќе биде процес, ќе видиме дали ќе биде долг и бавен. Секој ден се чувствувам подобро и тоа е она што е најважно. Со нетрпение чекам да се вратам на мотоциклот“, рече Марк.
Маркез кажа дека за прв пат се соочува со ваква повреда, па на почетокот немал воопшто самодоверба. Сепак, тој вели вели со тек на веме успеал да се мотивира, собрал сили и веќе е подготвен за нови предизвици во шампионатот.
„Сега се чувствувам како конечно да имам нормална рака, но пред еден месец ми беше тешко да се истуширам, да ја отворам вратата, да јадам. Минував низ внатрешни борби, ми недостасуваше самодоверба. Не ја користев десната рака подолго време. За прв пат во животот доживеав такво нешто. Се чувствувам подготвен наскоро да возам. Ќе направам преглед оваа недела, па ќе видиме што ќе каже лекарот. Секако, прво ќе возам помал мотор“, потенцираше Марк.
Маркез откри како изгледа еден од неговите денови додека се подготвува да се врати на патеката.
„Живеам како во еден ден последните два месеци. Станувам во осум, одам на терапија во девет, тренирам од 11.30 часот. Попладне, од 16 часот, одам во теретана, од 19 до 21 часот сум слободен и потоа одам да спијам“ заклучи Марк.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА