Марк Маркез сепак нема да настапи на утрешната трка за ГН на Андалузија што ќе се вози на патеката Херез, откако осумкратниот светски првак процени дека ризикот од уште посериозна повреда е преголем. Шпанецот заработи тешка повреда минатиот викенд и мораше да биде опериран, по што изненади многумина со одлуката да се појави на патеката Херез викендов.
Тој денеска ги почна и квалификациите за пол-позицијата, но по само еден извозен круг се повлече во гаражата. Тимскиот шеф Алберто Пуиг нешто подоцна обелодени дека светскиот шампион чувствувал силни болки во текот на возењето, по што проценил дека не смее да ризикува бидејќи лесно може да дојде до уште посериозна повреда.
„Од вчера знаевме дека тој сака да излезе на патеката и да види како ќе се чувствува. По операцијата се чувствуваше добро, но имаше болки при денешниот круг. Разговаравме и заеднички донесовме одлука дека најдобро ќе биде викендов да не се натпреварува и со погледите да се насочиме кон следната трка во Брно“, изјави Пуиг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА