Младата репрезентација на Македонија до 21 година денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски” во Скопје ги продолжува подготовките за двата контролни натпревари што ја очекуваат на почетокот на јуни. Избраниците на селекторот Драги Канатларовски ќе одиграат два контролни натпревари со Полска и Босна и Херцеговина.
Првиот контролен дуел против Полска се игра на 1. јуни, во Радом, а четири дена подоцна во Коњиќ играме со селекцијата на Босна и Херцеговина.
Стандардниот чувар на мрежата на репрезентацијата на Македонија до 21 година, Марко Алчевски вели двата дуели со силни противници ќе бидат добар тест за подобрување на пристапот кон натпреварите и низ квалификациите.
„Подготовките и тренинзите се одвиваат во најдобар ред, сите фудбалери сме подготвени да одговориме на задачите кои ни се дадени од селекторот и неговиот стручен тим. Иако се работи за контролни мечеви, не очекуваат два исклучително тешки тестови. Полска е репрезентација која со својот квалитет е на рамниште како Холандија и Шведска. Тоа е мотив плус за нас да одиграме добар натпревар и да се надигруваме со силен противник“ – вели Алчевски и дополнува:
„Мораме да го подобриме пристапот и фокусот во одредени моменти од мечот и да ги сведеме грешките на минимум, бидејќи секоја квалитетна селекција ја користи секоја можна слабост во модерниот и брз фудбал. На овие контролни натпревари ќе се обидеме да се подобриме што е можно повеќе во сите сегменти од играта и да ја вратиме самодовербата по неколкуте лоши резултати, да се воиграме подобро и да покажеме и докажеме дека победата во провото коло против Шведска на гостински терен не беше случајна“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА