Пелистер со назначувањето на Стевче Алушовски за тренер најави почеток на еден нов проект, со кој „зелено-белите“ веќе од следната сезона би атакувале на висок пласман и излез во европските купови. На новиот стратег му е јасно дека за остварување на тие цели неопходни ќе бидат засилувања за играчкиот кадар, а меѓу желбите на Алушовски и на раководството на битолскиот клуб се наоѓа и македонскиот репрезентативец Марко Нелоски.
Станува збор за играч кој со години важи за еден од најталентираните во македонскиот ракомет, но неколкуте тешки повреди го спречија Нелоски да го покаже својот потенцијал. Тој сезонава премногу ретко добиваше шанса во тимот на Металург, што беше причина за незадоволство. Во таборот на Пелистер постои оптимизам дека може да се извлече многу повеќе од талентираниот лев бек отколку што тоа го стори Лино Червар, па веќе е воспоставен и првичен контакт за реализација на овој трансфер.
Нелоски во таборот на битолскиот клуб сигурно би добил значително поголема минутажа, нешто што дефинитивно му е потребно за да ги потврди своите квалитети, но и да се наметне за уште посериозна улога во македонскиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА