Арсен Венгер наскоро ќе потпише нов договор со Арсенал, а францускиот стратег воедно ги планира и засилувањата за следната сезона. Како што јавуваат германските медиуми, Венгер веќе ја има договорено и првата „ѕвезда“ што летово ќе им се приклучи на „топчиите“. Станува збор за Марко Ројс, одличниот крилен офанзивец на Борусија Дортмунд за кого Арсенал е подготвен да плати и огромни 50 милиони фунти за да го доведе во своите редови.
Венгер е свесен дека летово ќе остане без помошта на Месут Озил, па верува дека со ангажманот на нов германски репрезентативец ќе го надополни заминувањето на поранешната ѕвезда на Реал Мадрид. Во ситуација кога пласманот во ЛШ е речиси невозможен, „топчиите“ ќе имаат проблем да убедат фудбалери од највисока класа да им се приклучат. Сепак, Венгер е отпимист дека ќе се договори со Ројс, кому ќе му биде понудена плата од 150.000 евра неделно, што е двојно повеќе од она што капитенот на „милионерите“ го заработува во дресот на Борусија.
Останува и големиот ризик, Ројс важи за играч кој е склон на чести повреди, но на Венгер му е јасно дека доколку остане здрав, Германецот може да го предводи Арсенал во атак на висок пласман во новата сезона. Приоритет на Французинот ќе биде и ангажман на нов голгетер, особено доколку Алексис Санчез дефинитивно си замине од „Емирати“, а на врвот на листата со желби на Венгер се наоѓаат Мората од Реал Мадрид, Белоти од Торино и Синклер од Селтик.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА