Ракометарите на Алкалоид се подготвуваат за големиот предизвик наречен финале во ЕХФ Европскиот куп, во кој македонскиот тим за противник ќе го има грчки АЕК.
Првиот дуел се игра во Атина в недела во 18 часот, со директен пренос на МТВ, а ракометарите на Алкалоид се подготвени да сторат се за да стигнат до позитивен резултат во Атина.
„Играме против искусна екипа составена од огромен број на интернационалци надвор од Грција. Имаат доста Французи во своите редови, добро се пополнети на сите позиции во тимот, а би издвоил дека имаат квалитетен голман и средни бекови. Она што ќе биде важно е ние да го сториме она што најдобро го знаеме, да ја наметнеме нашата игра и не да не дозволиме противникот да го диктира ритамот. Ако успееме во тоа, ако постигнеме голови од брзи контранапади, верувам дека ќе стигнеме до резултатот што сите го посакуваме“, вели Никола Маркоски, еден од најискусните во таборот на Алкалоид.
Домаќинот реши овој меч да го пресели во сала со капацитет за 9.000 гледачи, но Маркоски е убеден дека македонскиот претставник нема да потклекне од атмосферата.
„Знаеме какви се навивачите во Грција, имаме играно натпревари во оваа земја, знаеме дека амотсферата ќе биде жешка. Сепак, за нас како професионални спортисти треба да е уживање секогаш кога ќе играме пред полна сала. Ќе сториме се за да стигнеме до поскакуваниот резултат, нема разлика дали ќе биде тоа меч со многу голови или со цврсти одбрани, најважно е ние на крајот да стигнеме до победата“, истакна Маркоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

