Најдобриот скијач на денешницата, Австриецот Марсел Хиршер петта година по ред го освојува трофејот за велеслалом во Алпскиот светски скијачки куп. Тој на денешната трка во Банско заврши на втората позиција зад големиот ривал, светскиот првак во дисциплината, Норвежанецот Хенрик Кристоферсон, но освои доволно бодови за на две трки пред крајот од велеслаломската сезона да е недостижен на врвот. Тој има 620 бода, а Кристоферсон 402.
За Хиршер ова е шести вкупно мал глобус во оваа дисциплина. Тој сезонава ја одбрани и титулата во слалом, а на најдобар пат е и повторно да биде победник во генерална конкуренција во Светскиот куп.
Кристоферсон до победата дојде со одличното второ возење и го победи Хиршер за само четири стотинки. Австриецот водеше по првата трка. Третото место му припадна на Французинот Томас Фанара.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА