Мартинс: Не се залажуваме со проблемите на Вардар…

Ракометарите на Порто максимално фокусирани влегуваат во дуелот против Вардар, свесни дека со триумф на утрешниот натпревар може да го скокнат македонскиот првак на петтото место на табелата. Првиот дуел меѓу овие два тима заврши со победа на „вардарци“ од 32-27, но тоа беше меч во кој македонскиот шампион настапи комплетен, пред да се продлабочи огромната финансиска криза на „црвено-црните“.

Во меѓувреме тимот го напуштија Криштопанс и Атман, на утрешната средба нема да настапат ниту Дисингер и Кугис, но Португалците се свесни дека не смеат да се опуштат само затоа што противникот се соочува со проблеми.

„Во Скопје одигравме извонредно прво полувреме, но во вториот дел многу грешевме, си ја искомпликувавме судбината и на крајот загубивме. Сега ќе биде поинаку, играме на домашен терен, а за нас овој натпревар е како финале бидејќи сакаме да завршиме петти во групата, а за такво нешто неопходно ни е да славиме против Вардар. Не се залажуваме со нивните проблеми, знаеме колку е тешко да се победи актуелниот европски првак без оглед на фактот што неколку ракометари си заминаа. И тие играат „седум на шест“ во голем дел од мечот како и ние, така што ќе мораме да бидеме многу внимателни“, изјави Мигел Мартинс, португалскиот репрезентативец во дресот на Порто.

Дуелот меѓу Порто и Вардар на програмата е утре во 16 часот.

Се вчитува...