Тимот на Вилијамс ги почнал преговорите со Фелипе Маса за продолжување на соработката и во наредната сезона во Формула 1. Тоа го потврди 36-годишниот бразилски возач кој лани се пензионира од Ф1, но потоа реши да се врати, а сега преговара да остане во болидот уште една сезона. Маса во првите седум трки сезонава потврди дека на патеката се уште може успешно да се носи со помладите колеги, а тоа го натера уште еднаш да го одложи повлекувањето од Ф1.
„Наближува средината на сезоната и веќе стартуваа преговорите со тимот на Вилијамс за следната година. Се чувствувам многу добро во новиот болид. Да бидам искрен, не очекував дека одново ќе ми биде толку забавно да се натпреварувам во Формула 1. Од оваа гледна точка, откажувањето на крајот од минатата сезона беше погрешно решение. Најважно е што сум конкурентен на патеката и можам да му помогнам на тимот да освои бодови. Тоа беше главната причина поради која бев замолен да се вратам“ – вели Фелипе Маса.
Бразилецот се врати во Вилијамс на местото на Валтери Ботас кој пред почетокот на сезоната се пресели во Мерцедес по повлекувањето на шампионот Нико Розберг.
По седум трки во Ф1 шампионатот, Фелипе Маса е на 10.место во генералниот пласман на возачи со 20 бода.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА