Масар Омерагиќ: Денес не зборуваме за планови, зборуваме за конкретни чекори и видливи резултати

Претседателот на ФФМ Масар Омерагиќ денеска на Редовното годишно Собрание после една година како прв човек на Федерацијата, го истакна она што е сработено од неговото преземање на функцијата.

Главен акцент, како што кажа Омерагиќ, е ставен на модернизацијата на тренинг центарот на ФФМ, потоа стадионот во Битола, новата трибина во Охрид, како и неколку вештачки терени во неколку општини, како и воведувањето на ВАР технологијата во Првата лига исто така како една стратешка цел за подобрување на условите и изедначување на критериумите за сите тимови.

„Почитувани членови на Собранието на Фудбалската федерација на Македонија, почитувани гости од УЕФА и ФИФА, Јозеф Климент и Ролф Танер, почитувани претставници на медиумите, драги пријатели на фудбалот,

Пред една година, од ова место зборувавме за обврската што ја носиме – да поставиме правец, да изградиме систем и да ја вратиме довербата.

Денес, не зборуваме за планови. Зборуваме за конкретни чекори и видливи резултати.

Во изминатата година, еден од клучните приоритети беше да инвестираме таму каде што е најпотребно. Во основата.

Ги подобруваме условите за работа, ги обновуваме клучните капацитети и вложуваме низ целата држава. Тоа значи повеќе терени, подобра инфраструктура и реални услови за развој на фудбалот.

Во нашиот тренинг центар, каде што повеќе од една деценија немаше сериозни вложувања, започнавме и завршивме со темелна обнова и модернизација. Денес, тој простор има функционалност каква што заслужуваат нашите репрезентации.

Во Битола, за рекордно краток рок, заедно со општината, стадионот „Петар Милошевски“ го обновивме и сега претставува вистинска гордост на градот и нов дом на македонската репрезентација.

Во Охрид се гради нова трибина, трибина која ќе ја завршиме во рекордно време, а не како некој кои се градеа и по шест години. Во Илинден, Липково/Слупчане и Дојран веќе се ставени во функција терени со вештачка трева, нови простори за тренинг, натпревари и развој.

Паралелно, обезбедивме и набавка на повеќе од 20.000 столчиња за стадионите и терените низ државата, со цел подобрување на условите за гледачите и целокупниот амбиент на натпреварите во сите категории.

До крајот на 2026 година, приоритет ќе биде изградба и реконструкција на нови терени со современа дренажа, системи за наводнување и квалитетна тревна подлога на неколку стадиони во државата, поставување на рефлекторско осветлување, нови соблекувални и семафори на неколку стадиони.

Ова е процес што не завршува, ова е систем што го градиме. И развојот не е само во објекти, туку и во можности. Нашите младински репрезентации, машки и женски, само во изминатата година одиграа вкупно 99 натпревари. Тоа е континуитет, тоа е искуство, тоа е процес на создавање генерации кои утре треба да ја носат репрезентацијата.

Паралелно, го подигнавме нивото на организација и регуларност. Воведувањето на ВАР во рекордо време и обуката на судиите не се само технички чекори, тоа е порака дека фудбалот мора да биде фер, јасен и чист.

Создадовме услови и за сениорските репрезентации да функционираат на највисоко ниво. Организацијата, логистиката и комуникацијата се поставени така што фокусот е таму каде што треба, на теренот.

Ја зајакнуваме и врската со заедницата, со партнерите и со сите што го поддржуваат фудбалот. Затоа што силен фудбал не се гради изолирано, туку заедно.

Инвестиравме и во младите, во опрема, во услови, во шанса за напредок. Фудбалот мора да биде достапен за сите, а талентот препознаен навреме. Затоа воспоставивме и систем за следење на нашите играчи, без разлика каде настапуваат“, истакна Омерагиќ.

Првиот човек на ФФМ кажа и за новиот Статут на ФФМ, кој, според него, се воведува ред и нема простор за импровизации.

„Денес гласаме за нов Статут на Фудбалската федерација на Македонија. После 15 години, конечно ставаме крај на еден застарен, нефункционален систем и воведуваме ред. Статут изработен со УЕФА и ФИФА, кој не остава простор за импровизации. Да бидеме искрени, досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат.

До последната пререгистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција. Тоа не е мала грешка. Тоа е системска манипулација.

Со новиот Статут, тоа завршува.
Нема повеќе клубови што постојат само на хартија.
Нема повеќе лажни записници.
Нема повеќе фиктивен систем.

И уште нешто што мора да се каже јавно. Во период од само еден месец, од ноември до декември 2024 година, еден месец пред да ја преземеме функцијата, потрошени се околу 5 милиони евра од средствата наменети за развој на фудбалот. Пет милиони евра. За еден месец. Ние затекнавме таква состојба и не побаравме алиби. Почнавме да воведуваме ред. Само трошоците за хотелски, чартер летови и авионски карти ги намаливме за повеќе од еден милион евра. Секој денар гледаме каде оди. Затоа што овие средства не се ничии приватни, тие се на фудбалот. Ова што го правиме не е козметика. Ова е пресек. Од систем без контрола, кон систем со правила. Од фикција, кон реалност. И тука нема назад. Започнавме процес на целосна дигитализација на Фудбалската федерација на Македонија, со цел да изградиме модерен, ефикасен и транспарентен систем на работа. Воведуваме дигитални алатки за управување со податоци, регистрација, лиценцирање и административни процеси, со што се намалува просторот за грешки, се забрзува комуникацијата и се зголемува контролата.“, рече Омерагиќ и додаде:

„Фудбалската федерација на Македонија е здружение на граѓани. Членството е доброволно, на барање на било која членка. Вратите се отворени за секој што сака да придонесе. Но, да бидеме целосно јасни, оваа Федерација нема да биде ничиј инструмент.

Нема да дозволиме притисоци. Нема да дозволиме уцени. И нема да дозволиме манипулации во име на било кој во оваа институција.

Секој што се обидува да влијае на процесите преку закани или притисоци прави директен удар врз фудбалот. И тоа нема да помине. Напротив, ќе добие одговор каков што заслужува.

Мојот став е јасен: секој што ќе се соочи со притисок  има обврска да го пријави. Вратите се отворени. Кај мене не влегол само оној што не побарал. Комуникацијата е директна и нема простор за страв.

Во меѓувреме, добивме и официјални информации од меѓународни институции во кои се посочуваат одредени сомнежи за нерегуларности. Тоа не се обвинувања, но се доволно сериозен сигнал да постапиме до крај.

Ќе одиме до крај. Без калкулации. Без компромиси.

И да им биде јасно на сите, оние што мислат дека со напади, конструкции и притисоци ќе не поколебаат, се во сериозна заблуда. Тие времиња завршија.

Најгласни денес се токму оние на кои им одговараше систем без контрола. Оние што со години функционирале во зона на комфор, без одговорност. Тоа повеќе не постои. Ова е борба за чист фудбал. И во таа борба нема чекор назад. Судењето денес е на значително, значително повисоко ниво. Без скандали и без крупни грешки. ВАР системот е сериозна поддршка и носи дополнителна сигурност во одлуките. Поплаки секогаш ќе има, тоа е дел од фудбалот, и кај нас и насекаде во светот. Но, денес зборуваме за поединечни ситуации, а не за системски проблеми. И да бидеме отворени…најгласни се секогаш оние на кои резултатите не им одат во прилог. Тогаш виновни се сите други, федерацијата, судиите… освен тие самите. Тогаш се пишуваат соопштенија, се создава притисок и се бара алиби. А кога победуваат, тогаш молчат. Време е одговорноста да се бара и во сопствените редови. Фудбалот не може да оди напред ако вината секогаш се бара надвор, а никогаш дома.

Драги пријатели,

Ќе продолжиме со реформи, со ред и со јасни правила. За фудбал што е чесен, регуларен и достоен за сите што го сакаат.

Паралелно со овие реформи, ја започнавме подготовката на новата четиригодишна стратегија за развој на фудбалот.

Нашата визија е стабилен, конкурентен и модерен фудбал, заснован на реални основи и јасни правила.

Фудбал што создава играчи, гради клубови и враќа доверба кај навивачите.

Систем што не зависи од поединци, туку функционира самостојно, одржливо и во интерес на спортот. Целта е да ја зголемиме базата почнувајќи од најмала возраст, од грасрут активности се до професионалниот фудбал.

На крај, дозволете ми да изразам искрена благодарност.

До сите Општински фудбалски сојузи, делегати и клубови, за вашата посветеност и за континуираната работа во развојот на нашиот фудбал. Вашиот труд е темелот врз кој ја градиме иднината и без вас, ниту еден успех не би бил можен.

Посебна благодарност упатувам и до нашите партнери, УЕФА и претседателот Александар Чеферин, ФИФА и претседателот Џани Инфантино за поддршката, довербата и визијата што ја споделуваме.

Благодарност до Владата на Македонија, Министерството за спорт и локалните самоуправи за поддршката во развојот на фудбалот. Благодарност со нашите спонзори и партнери и верувам дека заедно, чекор по чекор, го подигнуваме нивото на фудбалот и создаваме услови за негов вистински развој.

Ви благодарам на сите за довербата и поддршката“, истакна Омерагиќ на Собранието.

Се вчитува...