Масар Омерагиќ е избран за член на Олимпискиот фудбалски комитет на ФИФА!

Големо признание за првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ од Светската куќа на фудбалот.
Омерагиќ е именуван за член на Олимпискиот комитет на ФИФА, кој под покровителство на Советот на ФИФА, игра клучна улога во развојот и координацијата на фудбалот во рамки на Олимписките игри и во соработката со меѓународниот олимписки комитет.
„Задоволство и привилегија е да бидам член на Олимпискиот фудбалски комитет на ФИФА. Горд сум што ќе бидам дел од група на истакнати фудбалски претставници од целиот свет и што ќе имам можност да го претставувам македонскиот фудбал на највисоко меѓународно ниво“ – истакна претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, по именувањето на уште една функција во структурите на ФИФА.

Со Комитетот претседава Самир Шауд (Бразил), додека Мустафа Раџи (Либерија) е заменик-претседател. Меѓу членовите се претставници од различни континенти, меѓу кои Кохзо Ташима (Јапонија) како делегат на Советот на ФИФА, Чармејн Крукс (Канада), Хрисостомос Гкагкатсис (Грција), Шеик Ахмад Јусеф Ал Сабах (Кувајт), Бранко Радујко (Србија), Хелга Хелгадотир (Исланд) и други истакнати фудбалски функционери.

Генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија, Леонид Јандреоски, е именуван за член на Комисијата за медиуми и комуникации на ФИФА.

Комисијата има за цел да ги развива и унапредува стратешките насоки на светската фудбалска федерација во областа на медиумите, дигиталната комуникација и односите со јавноста. Со Комисијата претседава Јасин Идрис Диало (Брег на Слоновата Коска), а Армен Меликбекјан (Ерменија) е заменик-претседател.

Меѓу членовите на Комисијата се и Фатма Ал Нуими (Катар), Ајишат Фалоде (Нигерија), Ноел Муни (Велс), Хелена Пиреш (Португалија),  Аманда Вандерворд (САД), Тони Ванг (Тајван).

Именувањето на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ и првиот оперативец во „Куќа на фудбалот“, Леонид Јандреоски претставува признание за македонскиот фудбал и за Фудбалската федерација на Македонија, потврдувајќи го угледот на земјата во рамки на ФИФА.

Се вчитува...