Маслинко: Напаѓачки сме многу подобри со Нено и со Шортс…

Македонските кошаркари веќе пристигнаа во Талин и се подготвуваат за утрешниот дуел со Естонија, клучен за нашите шанси за пласман на Евробаскет 2025.

Андреј Маслинко минатиот викенд имаше извонреден настап за МЗТ Скопје и беше заслужено избран за МВП на завршниот турнир од Купот на Македонија, а во недостиг на високи кошаркари се очекува тој да биде значаен адут и утре против Естонците.

„Одиме на две победи. Двете репрезентации ни се познати. Со Естонија и во претходниот циклус имавме две средби така што мораме да победиме ако сакаме да играме на Европско првенство. Секако, напаѓачки сега сме доста подобри. Имаме двајца плејмејкери кои можат да играат со топката. Малку сме послаби на центарски позиции, меѓутоа ќе се обидеме да надокнадиме на тоа. Секогаш сум тука за Македонија“ – истакна Маслинко во пресрет на новиот предизвик на националниот тим.

За потсетување, Македонија мора да слави со најмалку пет поени во Талин за да ги задржи шансите за пласман на Евробаскет 2025. Ако успеат во тоа, нашите кошаркари потоа ќе треба во последното коло в понеделник на домашен терен да ја совладаат Полска, но и да очекуваат Литванија во својот последен дуел на домашен терен да триумфира над Естонија.

Се вчитува...