Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ на гостувањето во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, заедно со Дарко Панчев ја отворија и вечно болната тема за поддршката на наши млади таленти по домашните клубови, кои изминативе години добиваат се помала шанса во однос на главно, ислужени странци кои реално не носат некој квалитет и за лигата и за македонскиот фудбал, воопшто.
„Што се однесува до работата со младите категории, одредените инстант-клубови во нашата лига не носат ништо добро. Зошто? Јас не видов, на пример, дека Гостивар форсираше наши млади фудбалери. Напротив, носеше ислужени стари играчи со, да не кажам, сомнителен квалитет, кои беа премногу платени и мислам дека понекогаш во составот имаа и по девет странци“ – вели Масар Омерагиќ, притоа дополнувајќи:
„Треба само да им дадеме шанса и треба да ги издржиме нашите млади играчи. Затоа што и ние кога сме станувале фудбалери тренерите не трпеле. Вишњевац имал храброст да го турне Дарко Панчев во прва екипа, ете на 16 години. И ти ги трпел и сите позитивни и негативни работи. Е, затоа тука тренерите повеќе треба да бидат педагози. Ако веќе проценил дека овој играч треба да се форсира, треба да му ги издржи и лошите игри и лошите некои навики…. Кога треба ќе го искара, кога треба ќе го поддржи. А, не кај нас некако тренерите многу елитистички во Прва лига ми се однесуваат! Како за кој знае каков успех на клубовите да разговараме, па не чини тоа дете, донеси ми странец стар триесет години стави и го…… Не! Нашата лига мора да биде развојна“.
Веќе се најавувата одредени промени на оваа тема во Втората лига….
„Ние веќе разговаравме со второлигашите. На Управен одбор зголемивме уште еден до 21 година да мора да игра во Втора лига, а сега ќе донесеме одлука да мора и еден до 19 години да е 90 минути на терен. Втора лига, тоа мора да е развојна лига. Им кажавме дека со Комитет за итност ќе донесеме одлука од август дека мора четвртиот играч да е до 19 години. Одлуката ќе биде донесена“.
Што се однесува до Првата лига…
„Тука клубовите се приватни компании, и не прифаќаат одредени условувања. Ние размислувавме да им овозможиме на прволигашите да платат 40-50 илјади евра бонус на Федерацијата, а да не е должен да стави играч до 21 година. Апропро на тоа, да тој бонус-буџет што ќе го направиме ние како федерација го уплатиме на оние екипи во Прва лига кои, пак, форсираат деца до 21 година. Ама се решивме оваа година да не носиме таква одлука. Инаку тоа е општо добро за нашиот фудбал. Ние мораме нашите деца да ги ‘билдаме’… Тоа го носам и на личен пример. Не сакам никогаш да зборувам за мојот син, затоа што доволно има проблеми и критики штo ми е син, и игра игра под огромен товар. Меѓутоа, може да погледнеме во Хајдук кога беше, како кога отишле со Леонид, како се однесувале кон децата од Сплит, а како се однесувале кон нив двајца. Е, кај нас се е обратно. Кај нас сите странци, од било каде, се подобри од нашите деца. Тоа е нашиот проблем и на нашите тренери. Ние треба да си ги цениме нашите деца, треба да бидеме многу трпеливи кон нашите деца, многу треба да бидеме трпеливи и да ги издржиме. А имаме таленти. Посебно тоа се однесува на Вардар, на Пелистер, на Шкендија. Шкендија има страшно талентирани четири-пет деца. Мој совет е секогаш до овие наши клубови како што се Вардар, Шкендија, Пелистер, Брегалница… или кој и да е: ‘Издржете ги вашите, нашите деца исфорсирајте ги.’ Шкупи имаше талентирани младинци, меѓутоа не видов дека извадија деца. Зошто? Бидејќи сопственикот сакаше по 12 странци. И што имаме ние од тие странци? Ништо. Мора да ги издржиме нашите деца, ако сакаме да видиме иднина…“ – вели првиот човек на ФФМ.
==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ СО ДАРКО ПАНЧЕВ“ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

