Хуан Мата го предупреди Манчестер Јунајтед на неколку изненадувања што може да се очекуваат од Унаи Емери на дуелот со Вилјареал во финалето од Лигата на Европа што ќе се игра утревечер во Гдањск. Шпанецот соработуваше со Унаи Емери три години во Валенсија, иако тоа беше пред повеќе од десет години, тој се уште има високо мислење за одличниот стратег.
Мата не штедеше комплименти за Емери, па се потсети за почетокот на неговата кариера и одличната промоција за фудбалер што ја добил од стручњакот на Вилјареал.
„Со него многу напредував и како играч и како личност. Бев многу млад, имав 21 година кога започнавме да работиме заедно. Ме промовираше како играч, ме натера да се чувствувам важен за клубот, ми дозволи да играм на секој натпревар. Тој е многу методичен тренер, Унаи е исклучително професионален, тој е голем работник и се подготвува за секој натпревар како за финале. Ќе мораме да бидеме подготвени затоа што сум сигурен дека тој ќе го испрати тимот со нешто поразлично, со некакво изненадување во тактиката што детално ја подготвува“, рече Мата за веб-страницата на Манчестер Јунајтед.
Дуелот во Гдањск за Вилјареал ќе биде првото големо европско финале, а Јунајтед е дефинитивно фаворит на овој натпревар.
„Ќе мораме да бидеме подготвени на се’, мислам дека ова е најголемиот натпревар во историјата на нивниот клуб. Мора да ни биде јасно дека тие ќе дадат апсолутно сè, и повеќе од тоа. Во Вилјареал се направени многу добри работи во последните 15 или 20 години, на теренот и надвор од него, тие се многу добар клуб. Со Унаи на клупата, јасно е дека тие се многу организирана екипа со одличен квалитет, со играчи кои добро ги познавам, а јас играв со некои од нив. Тешко е да се игра против такви тимови“, заклучи Мата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА