Математика за групите А и Б: Како до осминафиналето на СП?

Се е подготвено за разврската во групите А и Б, кои ќе бидат првите што ќе дадат по два осминафиналнисти, како и вкупно четири селекции кои ќе бидат елиминирани. Засега од овие две групи без шанса за осминафинале е единствено Катар, додека Холандија и Англија се најблиску до место меѓу најдобрите 16 селекции во светот. Мора да се истакне дека во случај на идентичен број на бодови, најпрвин се гледа гол-разликата, ако таа е еднаква се споредуваат бројот на постигнати голови, а дури на крајот меѓусебниот дуел меѓу репрезентациите.

Во групата А денеска со почеток во 16 часот ќе се сретнат Холандија и Катар, односно Еквадор и Сенегал…

ХОЛАНДИЈА: Оди во осминафинале со победа или реми против Катар. „Лалињата“ може да се во следната фаза дури и во случај на Пораз, доколку Еквадор го победи Сенегал. За да бидат први во групата, избраниците на Ван Гал треба да имаат подобар резултат од оној на Еквадор против Сенегал.

ЕКВАДОР: Оди во осминафинале со победа или реми против Сенегал. Може да ја освои групата доколку има подобар резултат од оној на Холандија против Катар.

СЕНЕГАЛ: Мора да го победи Еквадор ако сака во осминафинале. Може да се квалификува и само со реми, но за тоа да се случи ќе треба Холандија да загуби од Катар. Сенегалците можат да завршат и како првопласирани, доколку слават на својот меч, а Холандија не дојде до три бода на дуелот со Катар.

Во последното коло од групата Б ќе се сретнат Англија – Велс и Иран – САД, при што сите селекции имаат свои шанси за пласман во нокаут фазата.

АНГЛИЈА: „Гордиот албион“ може да биде елиминиран само ако загуби со четири или повеќе гола разлика од Велс. Со победа го осигурува првото место, а Англичаните можат да се први и доколку не победат, но тогаш ќе треба Иран да не слави на дуелот со САД, или Американците да не победат со четири или повеќе гола разлика.

ИРАН: Оди во осминафинале со победа над САД. Иранците би биле втори и во случај на реми, но тогаш ќе треба да се надеваат дека Англија нема да загуби од Велс.

САД: Оди во осминафинале само со победа над Иран. Американците можат да завршат и први ако покрај нивната победа, Англија загуби од Велс.

ВЕЛС: Велшаните сонуваат за чудо, тие треба да ја совладаат Англија, а воедно и вториот меч меѓу Иран и САД да заврши нерешено. Ако дуелот Иран – САД има победник, тогаш на Велшаните ќе им биде потребна победа од четири гола против Англија за пласман во осминафиналето.

Се вчитува...